Проекти





Учиме право како дел од МОФ

Учиме право како дел  од МОФ и Креативна настава и учење

Во периодот од 1999 до 2005 Учиме право се спроведе во повеќе од 30 средни училишта низ  Македонија, а наставата во текот  на шестте академски години ја посетиле приближно 2000 ученици на возраст од 15 до 18 години. Во учебните 2003/04 и 2004/05 година Учиме право се спроведува како дел од Проектот Креативна настава и учење. Овој проект овозможи уште поголемо приближување на Учиме право до средните училишта и зголемување на бројот на училиштата во кои наставата се спроведува. Понатаму, проектот овозможи обучување на дел од наставниот кадар, од училиштата вклучени во проектот, за техниките и интерактивните методите кои ги користи Учиме право. Ваквата обука придонесе најголем дел од обучените професори активно да се вклучат во организирањето и спроведувањето на наставата по Учиме право во рамките на своите училишта.

При спроведувањето на наставата, телото на Учиме право предавачи се обидува да ги следи актуелните прашања поврзани со граѓанското општество и истите да ги вметнува како тематски единици кои ќе ја дополнат редовната наставна содржина. Па така, беа создадени лекциите за малцински права и трговијата со луѓе, дополнети со еднодневни обуки на наведените теми, преку кои Учиме право се обидува да ја подигне свеста на младите за одредени актуелни проблеми.

Исклучително  значаен сегмент на програмата се активностите кои се спроведуваат надвор од класичните предавања во училниците. Имено, Учиме право во рамките  на секоја тематска едница организира одредена посета на некоја од институциите на правниот систем (Собрание на Република Македонија, Суд, Народен Правобранител...), како и посета на стручни лица (судии, обвинители, адвокати, нотари, социјални работници...).  Преку ваквите посети се овозможува приближување на институциите до младите луѓе и полесно разбирање на начинот на кој тие функционираат, односно ги остваруваат своите задачи. 

Учиме право денес 

Денес, Учиме право функционира како посебна програма во склоп на Младински образовен форум со тело на предавачи кое брои околу четириесетина обучени предавачи како и повеќе од 100 средношколци, редовни учесници во програмските активности. Редовни предавања во текот на училишната година се реализираат во пет скопски средни училишта: “Раде Јовчевски-Корчагин“, “Георги Димитров“, “Никола Карев“, “Зеф Љуш Марку“ и “Орце Николов“. Покрај редовните програмски предавања од Учиме право курикулумот, листата на активности опфаќа и: 

  • Специјализирани тематски работилници кои се одвиваат во средни училишта и младински клубови во различни градови ширум Македонија. Досега се спроведени работилници на различни теми за средношколци и студенти, како трговија со луѓе, запознавање со Европска Унија, антикорупциско законодавство... 
  • Младински кампови
  • Симулации на судења (mock trial). Станува збор за активност која вклучува хипотетички случај за кој студентите ги подготвуваат своите улоги. Тие ги подготвуваат своите аргументи и истражуваат кои правни прописи се применливи во конкретниот случај. Ова им овозможува на студентите и средношколците да доживеат како би изгледало вистинско судење и да развијат техники на правно истражување, агрументација и јавно говорење.
  • Натпреварувачки квизови, каде средношколците ги проверуваат стекнатите знаења на забавен начин во компетитивна средина.
  • Едукативни посети на институциите на политичкиот систем на РМ како и посети од стручни лица за време на обуките
  • Правни клиники кои се организираат на универзитетите. Последните две години, во 2008 и 2009, во соработка со мисијата на ОБСЕ беа организирани правни клиники со студенти од Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ и Универзитетот ФОН. Целта е да се доближи правото и прикаже практичната и применлива страна на правото на студентите од правните факултети. Овие клиники главно опфаќаа модули за истражување и правна помош, научни посети на Уставниот Суд и Народниот правобранител, симулација на работата на институциите на ЕУ, истражување на судската практика на Европскиот Суд за човекови права во Стразбур, како и составување граѓански договори.
  • Објавување на брошури и публикации
 Врати се назад      






Публикации